Скопје, 9 јули 2025 – Ѓорѓиевски денеска оствари посета на општина Ѓорче Петров, каде заедно со градоначалникот Александар Стојкоски и пратеникот Бојан Стојаноски се сретна со просветни работници и пензионери.

Денот започна со посета на црквата „Св. Петар и Павле“, по што следуваше средба со наставници од општинските училишта. Разговорот се фокусираше на секојдневните предизвици во образованието, како и на предлозите за негово подобрување на локално ниво.

„Стојкоски направи вистинска преродба во делот на образованието. Просветните работници споделија искрени и добронамерни идеи, кои ќе бидат темел за понатамошна соработка“, изјави Ѓорѓиевски.

Во продолжение, се одржа средба со пензионери од општината. Ѓорѓиевски рече дека разговорот бил долг и искрен, со акцент на потребата за почит и системска поддршка.

„На пензионерите им го должиме тоа – почит, грижа и достоинство. Тие ја градеа државата, камен по камен. Проектите што Стојкоски ги реализираше за нив се за поздравување, а тоа е само почеток“, порача тој.

Ѓорѓиевски нагласи дека ќе се работи посветено на градење на систем во кој секој пензионер ќе биде вреднуван и заштитен.
„Ќе делуваме заеднички, ќе соработуваме и ќе им погледнеме директно во очи на проблемите – и ќе ги решаваме. Скопје повторно ќе биде достоинствен град“, заврши Ѓорѓиевски.