Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во просториите на Комората во Скопје.

На средбата, како што информираше Ѓорѓиевски, се разговарало за потенцијалите за унапредување на економската клима во главниот град, како и за поддршката на домашни и странски инвестиции, отворањето на нови работни места и поттикнување на иновации во стопанството.
„Во изминатите четири години, Кисела Вода се позиционираше како симбол на динамичен економски раст и стабилен развој – резултат на визија, посветеност и вистинско партнерство, пред сè со Стопанската комора и деловната заедница“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека средбата со Азески ја смета за важен чекор кон остварување на заедничката заложба – Скопје да стане економски силен, модерен и конкурентен град кој ќе создава можности за сите.
„Економијата е срцето на секој вистински напредок. Затоа со сигурност порачувам – стопанството во мене ќе има стабилен, сериозен и отворен партнер“, порача градоначалникот на Кисела Вода.