Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, вечерва присуствуваше на свечениот прием организиран од страна на британскиот амбасадор во Македонија, Метју Лосон, по повод роденденот на Неговото Височество, Кралот Чарлс Трети.

Настанот се одржа во присуство на високи државни претставници, дипломати, претставници на бизнис заедницата и пријатели на британската амбасада. Во духот на свеченоста, присутните имаа можност да уживаат во богата културна програма со автентични британски музички елементи.

„Голема чест ми беше да бидам дел од прославата на роденденот на Кралот Чарлс Трети. Нашите односи со Обединетото Кралство се долготрајни и пријателски. Сојузништвото во НАТО, стратешкото партнерство и поддршката за македонските евроинтеграции се вредности што ги негуваме и што се од голем интерес за нашата држава,“ изјави Ѓорѓиевски.

Тој упати благодарност до амбасадорот Лосон за поканата и изрази уверување дека соработката меѓу Македонија и Обединетото Кралство ќе продолжи со засилено темпо и во иднина.