Пилот-проектот ќе трае 6 месеци – ако воопшто стартува пред изборите
Дебар Маало наскоро може да стане тест-зона за нов сообраќаен режим. Општина Центар планира ограничување на движењето на возила за време на викендите, со цел да се зголеми безбедноста, редот и квалитетот на животот на жителите.
Проектот ќе се достави до Град Скопје и СВР Скопје за одобрување. Доколку биде прифатен, пилот-програмата ќе трае шест месеци, а во зависност од ефектите и реакциите на граѓаните, може да се продолжи за една година или да прерасне во трајно решение.
Затворена зона од петок до понеделник
Од петок во 18 часот до понеделник во 6 часот влезот ќе биде дозволен само за жители со дозвола. Другите возила ќе можат да влезат, но мора да излезат во рок од 15 минути – во спротивно следуваат казни. Ќе има транзитен сообраќај, но не и паркирање.
Општината планира поставување рампи со електронска контрола, како и безжичен систем со мобилна апликација или бесплатен телефонски број за отворање рампи за жителите. Паркирањето кај Орце Николов, Аминта III, Ленинова и 29 Ноември ќе биде дозволено за посетители.
Проектот ќе се спроведе во три фази
Во првата фаза ќе се воспостави контрола меѓу улиците Орце Николов, Климент Охридски, Партизанска и 29 Ноември, со ограничен влез и контрола преку рампи.
Втората фаза ќе го прошири режимот кон улиците 29 Ноември, Рузвелтова и Дане Крапчев, каде што ќе се постават нови рампи и дополнителна контрола.
Во третата фаза, проектот ќе се прошири кон делови околу Градскиот парк (т.н. Дебар Маало 2), со два затворени сообраќајни круга и нов режим.
Наместо хаос – урбана култура
Општината вели дека целта не е казнување, туку подобрување на квалитетот на живот. Доколку проектот се покаже како успешен, истиот модел би се применил и во други делови како Буњаковец и Капиштец.