Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави дека општината продолжува со интензивни активности за подобрување на урбаната слика и квалитетот на живот за своите жители. Во фокусот на последните проекти се обновата и изградбата на нови детски катчиња, како и поставување урбана опрема и хортикултурно уредување на јавните простори.

„Изминатиов период работевме на обнова на старите, како и поставување на нови детски катчиња низ нашата општина. Станува збор за современи игралишта со нови подлоги од полипропилен, истиот материјал кој се користи на Олимписките игри,“ истакна Ѓорѓиевски.

Новите простори се дизајнирани со цел да обезбедат безбедна и стимулирачка средина за децата, додека на возрасните им се овозможува пријатен амбиент за одмор и рекреација. Катчињата се опремени со нови клупи, фонтани и елементи за седење, а целата површина е дополнително уредена со зеленило и декоративни садници.

Градоначалникот апелираше до граѓаните да покажат одговорност и грижа кон новите содржини. „Апелирам до родителите и дечињата да ги чуваме овие нови реквизити. Доколку се забележи вандалско однесување, веднаш да се пријави до надлежните полициски служби,“ нагласи тој.
Со оваа иницијатива, Кисела Вода потврдува дека инвестирањето во урбана опрема и зелени површини останува приоритет, со визија за создавање поквалитетен и поинклузивен животен простор за сите генерации.
„Нашата Кисела Вода се менува секој ден, и тие промени се насекаде околу нас. Најдоброто допрва доаѓа,“ порача градоначалникот Ѓорѓиевски.