Мирјана Петровиќ има 98 години и живее сама во мало село, во куќичка на рид. И покрај длабоката старост, таа зрачи со ведрина и е секогаш расположена да пречека гости.
Последните неколку години, нејзини редовни посетители се две млади лица кои често ја посетуваат и објавуваат видеа од нивните средби со баба Мирјана на TikTok. Секое ново видео открива нешто повеќе за животот на оваа неверојатна жена.
Иако преживеала најтешки времиња – војни, глад, беда – Мирјана не ја изгубила животната радост. Денес, во речиси стотата година од животот, таа сама се грижи за голема и уредна градина, во која расте зеленчук што би му позавиделе и поискусни земјоделци. Само нејзините стебла од домати достигнуваат повеќе од два метра висина. Има и редови со малини, а самата поставила околу 150 колци за боранија.
„Носев по 50 кубика дрва на грб“
– Во младоста сум носела по 50 кубика дрва на грбот. И денес сама си обезбедувам дрва за зима – раскажува баба Мирјана.
Нејзиниот двор е преполн со овошје и зеленчук, уреден и под конец среден. Се сеќава и на времињата кога преживувала глад и сиромаштија.
– Во војна спиевме гладни и боси по шуми. Мајка ми со пет деца бегаше по шумите. Собиравме гранки, палевме оган и варевме диви јагоди и што ќе најдеме. Гладот не’ тераше по потоци и долови – раскажува таа.
Секое утро – иста рутина, 10 години без лекар
Иако тајната на долговечноста не постои, Мирјана има едноставен утрински ритуал кој, како што вели, ја одржал жива и здрава целиот живот.
– Секое утро станувам во 7. Подложувам оган, ставам ѓезве со кафе на шпоретот. Додека кафето врие, ги хранам кокошките. Потоа седнувам на креветот – една ракија, една шолја кафе. Малку ракија, малку кафе… Така секој ден, со години. И еве ме – скоро 100 години – вели баба Мирјана.
– Битно ми е да имам што да јадам и што да пијам. Ништо повеќе не ми треба. На младите им посакувам само здравје. Јас веќе десет години не сум отишла кај лекар.
Иако е витална и независна, признава дека самотијата најтешко ѝ паѓа. Нејзина единствена желба е некој да ѝ сврати, барем на разговор.