УТРО.мк

Исламска држава повторно се буди: Спречени 12 напади, зголемена регрутација и ширење пропаганда

Исламска држава повторно се буди: Спречени 12 напади, зголемена регрутација и ширење пропаганда
Vero

Терористичката организација Исламска држава (ИС) покажува знаци на повторно активирање во Сирија и Ирак, предупредуваат повеќе извори за агенцијата Reuters. Според повеќе од 20 извори од Сирија, Ирак, САД и Европа, групата повторно почнала да регрутира борци, да дистрибуира оружје, да шири пропагандни материјали и да подготвува напади, искористувајќи го падот на режимот на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад.

И покрај тоа, безбедносните сили во Сирија и Ирак во изминатата година успеале да спречат најмалку 12 големи акции на ИС. Во декември 2024 година биле уапсени двајца емисари на ИС кои требале да пренесат борбени планови од Рака во Сирија до ќелии во Ирак, а во исто време ирачките сили ликвидирале бомбаш самоубиец кој планирал напад врз преполн ресторан во градот Дакук.

ИС презеде одговорност за 38 напади во првите пет месеци од 2025 година. Ако продолжи со вакво темпо, до крајот на годината се очекува бројот на напади да надмине 90, но тоа е значителен пад во споредба со претходните години. Во Ирак, каде што групата има длабоки корени, забележани се само четири напади досега оваа година, додека во 2024 година биле 61.

И покрај обидите за реструктуирање, функционери од Ирак и САД сметаат дека групата е значително ослабена. „ИС не успеа да заземе нов замав поради превентивните акции на ирачките безбедносни служби“, изјави Сабах ал-Нуман, портпарол на ирачкиот премиер. Американските власти потврдуваат дека нивните партнери на терен остануваат активни и подготвени да реагираат на секоја закана.

Сепак, се појавуваат загрижености за повторно присуство на странски борци во Сирија. Неколку европски разузнавачки служби регистрирале мали групи на сомнителни лица кои пристигнале во регионот, но не можат со сигурност да потврдат дали се регрутирани од ИС или од други радикални групи.

ИС остро го осуди сирискиот претседател Ахмед Хусеин ал-Шара поради неговите обиди да се приближи кон Западот и стравуваат дека новата власт ќе ги протера странските борци и ќе нормализира односи со Израел. Претседателот на САД, Доналд Трамп, веќе побара од Шара да спречи зајакнување на ИС, а Вашингтон најави дека ќе продолжи со поддршка за коалицијата во регионот.

Во моментов, околу 9000 членови на ИС и нивните семејства се задржани во кампови под контрола на Сириските демократски сили. ОН проценуваат дека ИС во Сирија и Ирак располага со 1500 до 3000 борци, додека аналитичарите предупредуваат дека најопасната и најактивна подружница на групата сега се наоѓа во Африка.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран