УТРО.мк

Куче поминало 160 километри за да го пронајде своето семејство – неверојатна приказна го обиколи светот

Куче поминало 160 километри за да го пронајде своето семејство – неверојатна приказна го обиколи светот
Vero

По 36 дена исчезнување, мешанката на златен ретривер по име Амбер успеала да помине дури 160 километри, при што дури и препливала залив, во обид да ја пронајде својата нова човечка фамилија.

Амбер исчезнала на 25 април, само една ноќ откако била сместена во привремен дом во селото Брамшоу, во областа Њу Форест во англиската покраина Хемпшир. Пред да пристигне во Велика Британија, кучето било пронајдено како бездомниче на улиците на Катар, од каде што било спасено и донесено преку хуманитарна организација, пишува The Guardian.

По нејзиното исчезнување, Амбер била забележувана на повеќе локации низ Националниот парк Њу Форест. За неа биле поставени хранилки и камери, но и покрај над 60 пријавени забележувања, спасувачите не успеале да ја фатат.

Самостојно патување до островот Браунси

Амбер постојано го избегнувала фаќањето, движејќи се низ шумите во југозападна насока, сè до крајбрежјето. На крајот стигнала до населбата Сендбенкс, во градот Пул, каде што, во неверојатен потег, запливала преку Пулскиот залив — растојание од над една милја — сè до островот Браунси.

Жител на островот ѝ оставал храна четири дена додека престојувала таму. При обид да се врати на копно, Амбер била забележана и спасена од екипажот на еден траект, кој првично помислил дека се работи за фока.

Кели Паркер, која заедно со својот сопруг Сем Колинс раководи со организација за спасување животни и која ја донела Амбер во Велика Британија, изјави дека кучето било дезориентирано и се однесувало како диво животно.

– Беше фрустрирачко. Секогаш бевме чекор зад неа. Искуство кое не би сакала повторно да го доживеам, но за среќа, целата ситуација имаше среќен крај – изјави Паркер за The Guardian.

Подготвена за нов дом

Според проценките, Амбер за само 32 дена поминала над 160 километри. По успешното спасување, таа се адаптирала на својот привремен дом, а ветеринарите потврдиле дека е во добра здравствена состојба.

– Многу ослабела, но сега ужива во обилни оброци и многу љубов – изјави Паркер за People, додавајќи дека откако целосно ќе закрепне, Амбер повторно ќе биде достапна за вдомување.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран