Може ли одмор во Грција со 10 евра дневно? Жестока дебата на социјалните мрежи
Во популарната Facebook група „Грција во живо“ се отвори бурна дискусија околу прашањето: дали е можно да се помине денот на летување во Грција со само 10 евра? Илјадници членови споделија свои искуства, совети и мислења – и според коментарите, изгледа дека за многумина тоа е не само возможно, туку и реалност.
„Секако дека може! Ако паметно си го испланирате денот – јадење од дома, готвење во апартман, пазарење на локални маркети и уживање на плажа без изнајмување лежалки – 10 евра по човек дневно се сосема доволни“, напиша една корисничка и додаде дека не мора секој ден да се јаде надвор или да се пие кафе во кафуле.
Многу членови советуваат дека клучот е во добро организирано купување во супермаркети, како и избегнување на секојдневно седење во скапи ресторани и барови. Некои велат дека шишенце вино и залез на тераса се многу попријатни од гужвите по локали – и значително поевтини.
Но, вистинскиот шампион во штедење останува жена по име Љубица, која сподели дека таа и нејзиниот сопатник преживеале 11 дена со по 10 евра дневно.
„Секое утро кафе на тераса, без леб, без газирани сокови, купувавме овошје, зеленчук, кисело млеко и сувомеснати производи. Готвевме брзо и едноставно. Донесовме многу од дома, а на море само надополнувавме. За 10 години никогаш не сме потрошиле повеќе – ама ние сме пензионери, младите нормално трошат повеќе“, напиша Љубица.
Додека едни го величаат ваквиот пристап, други сметаат дека летото е време за уживање и дека не треба да се штеди на секој денар. Но едно е сигурно – со добра организација, дисциплина и скромни навики, 10 евра дневно можат да бидат доволни за пристоен одмор покрај грчкото море.