Иванка Трамп и Џаред Кушнер го купија островот Сазан за над милијарда долари
Италијанските медиуми, повикувајќи се на „Гардијан“, објавија дека Иванка Трамп и Џаред Кушнер, ќерката и зет на американскиот претседател Доналд Трамп, го откупиле островот Сазан во Албанија за над една милијарда долари, пренесува euronews.al. Двојката минатиот месец престојувала на албанското крајбрежје, а островот планираат да го претворат во луксузно одморалиште.
Сазан, дел од Националниот морски парк Карабурун – Сазан, е достапен за посетители од 2015 година, иако делови сè уште се под воена заштита. Во комунистичкиот период служел како воена база и е преполн со бункери, тунели и неексплодирани мини, што претставува најголем предизвик за проектот.
Договорот вреден 1,4 милијарди евра бил постигнат без претходно информирање на јавноста, што предизвика реакции од еколошките и научните кругови поради можните штети врз природата и културното наследство. Албанците веќе почнале да го нарекуваат „Остров Трамп“.
Доналд Трамп ја поздрави иницијативата, оценувајќи ја како „извонредна“, но нагласи дека приоритет е расчистување на теренот и обезбедување безбедност за идните посетители. Групацијата „Афинити“, која ги водеше преговорите, планира и проект во Србија.