Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја отвори темата за демографските предизвици со кои се соочува земјава, потенцирајќи ја потребата од системски, одговорен и координиран пристап за нивно надминување.

„Секојдневно сме сведоци како се празнат училниците, како се затвораат домови и како младите заминуваат од земјата. Дури 34% од граѓаните на Македонија живеат надвор од државата – податок што е алармантен и не смее да нè остави рамнодушни,“ истакна Ѓорѓиевски.

Како претседател на ЗЕЛС, тој најави целосна подготвеност на општините да се вклучат во процесот на изнаоѓање конкретни и применливи решенија, преку тесна соработка со институциите, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери.

Демографските политики, како што нагласи, се веќе вградени како стратешки приоритет во Националната развојна стратегија 2024–2044, преку глава посветена на „Социјален и демографски баланс“.
„Потребна е сериозна инвестиција во образованието, здравството, инфраструктурата, транспарентна администрација и економски амбиент кој ќе ги мотивира инвеститорите да вложуваат во земјата,“ рече Ѓорѓиевски, посочувајќи дека само така ќе може да се спречи иселувањето и да се подобри наталитетот.
Тој го нагласи и значењето на поддршката од Владата и премиерот Христијан Мицкоски, чии приоритети – економски развој и јакнење на инфраструктурата – веќе даваат резултати.
„Создавањето реални услови за живот е иницијалната каписла за враќање на младите, кои со себе ќе донесат знаење, искуство и нова енергија за општеството,“ заклучи Ѓорѓиевски.