Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оддаде почит на паднатите херои пред Споменикот на ослободителите на Скопје и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски, во чест на 13 Ноември – денот кога градот се дигна против фашизмот.

„На овој ден, Скопје повторно се роди – од пепелта, со верба дека слободата вреди повеќе од животот. Овој ден е жива приказна за отпорот, храброста и љубовта кон градот“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој подвлече дека должноста на сегашните генерации е да го обноват и изградат градот со гордост, достоинство и солидарност, борејќи се против запоставеноста, нечистотијата и рамнодушноста. „Нашето оружје е трудот, знаењето и вербата дека Скопје може да биде подобро“, порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски нагласи дека паркот, улиците и крстосниците што се уредуваат се темелите на ново, зелено и безбедно Скопје, град кој служи на луѓето и инспирира обединување и солидарност.
„Да живее 13 Ноември, денот кога Скопје се дигна против фашизмот! Ништо не е посилно од човечката волја и љубовта кон својот град“, заклучи Орце Ѓорѓиевски.























