Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, најави ново правило со кое секој нов проект за изградба ќе придонесува за зголемување на зеленилото во градот. Според правилото, за секои 10 м² новоградба, на јавните површини ќе се засадува еден нов садник.
„Секоја нова градба ќе носи дел од природата назад во нашиот град“, истакна Митески, нагласувајќи дека Аеродром започнува нов мандат со цел повеќе зеленило и грижа за иднината.
Како дел од „зелената офанзива“, Митески заедно со општествено-одговорна компанија денес засади висококвалитетни садници јавор и јасен покрај булевар „Јане Сандански“, кај игралиштето „Калистеника“. „Таму каде што порано имаше бетон, од денес расте нов живот. Аеродром станува позелен, чекор по чекор, садник по садник“, порача градоначалникот.























