Новото раководство на Град Скопје продолжува со чистката во градската администрација. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски веќе отпушти 500 лица од јавните претпријатија, кои, како што се наведува, не се појавувале на работа со месеци, па дури и години, но сепак примале плата.
Сепак, прашањето дали ова е само почеток или ќе следи целосна реорганизација на администрацијата останува отворено. Со околу 10.000 вработени во градските служби и јавни претпријатија, многумина сметаат дека е потребно темелно прегледување на структурата и оптимизирање на бројот на вработени.
На пример, ЈП „Водовод и канализација“ долго време е познато како загубар, а бројот на вработени над илјада не се совпаѓа со ефикасноста на услугите. Слична состојба се забележува и во други јавни претпријатија, како и во седиштето на градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека процесот на реорганизација и намалување на бројот на административни вработени нема да се одлага, во спротивност со практиките на претходните раководства, со цел градот да стане поефикасен и поодговорен кон проблемите на граѓаните.























