УТРО.мк

Прилеп со успешна еко-акција за почиста околина и поубав град!

Прилеп со успешна еко-акција за почиста околина и поубав град!
Vero

Во рамките на еко-акцијата „Еко мисија – твојот потпис за природата“, денес над 1.000 прилепчани здружено излегоа да ја исчистат својата околина и градот.

Чистење се извршуваше на повеќе од 20 локации, меѓу кои: излетничките места околу комплексот „Вештачко Езеро“, просторот кај Селце во близина на манастирот Св. Димитрија, околината на населеното место Волково, јавните површини покрај влезовите во градот на ул. „Орде Чопела“, на ул. „Леце Котески“, ул. „Александар Македонски“ кон Ново Лагово, околината на образовните институции, Могилата на Непобедените, како и повеќе диви депонии со градежен шут.

Во акцијата активно се вклучија Општинската и јавната администрација, јавните претпријатија, бизнис-секторот со механизација и човечки ресурси, ученици од основните и средните училишта, извидници, младински организации, претставници од здруженија на граѓани и многу волонтери.

Градоначалникот Проданоски, кој учествуваше на терен заедно со администрацијата, истакна дека подигањето на јавната свест, зајакнувањето на јавните претпријатија и воведувањето на поригорозни мерки се клучни за одржување на чиста околина:

„Прво, треба да ја подигнеме свеста за тоа што денес го правиме. Второ, јавните претпријатија да ги подигнеме на повисоко ниво за да испорачуваат подобро одржување на јавните површини, со унапредување на механизацијата и процесите. Понатаму, мора да го зајакнеме системот на казнени мерки бидејќи кај дел од граѓаните е неопходен поинаков пристап за да престанат да фрлаат отпад каде ќе стигнат. Планираме и поставување видео надзор на клучни локации во градот, како и освежување на правилниците за комунален ред.“

Градоначалникот додаде дека локацијата кај Волково, на површина од околу 30.000 квадратни метри, е планирана за уредување во парк и рекреативна зона:
„Токму затоа симболично почнавме со чистење, за да уредиме ново катче за рекреација и да дадеме пример дека излетничките и рекреативните места мора да бидат чисти и пријатни за користење. Охрабрен сум и силно мотивиран да продолжиме со вакви акции.“

Посебно беа активни младите, учениците од основните, средните училишта и најмладите од детските градинки, кои заедно со воспитувачите и родителите учествуваа во уредување и бојадисување на дрворедите и парковските површини.

Масовната вклученост ја потврди заедничката цел, подигнување на јавната свест, поттикнување на одговорно однесување и создавање почиста и поубава животна средина.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран