Во воените гробишта во Прилеп е погребан 19-годишниот Хајнрих Еберт, син на Фридрих Еберт, првиот претседател на поствоена Германија. Тој починал во февруари 1917 година од раните здобиени во прилепската воена болница.

На површина од 7.200 метри квадратни се погребани 1.683 германски војници, од кои 45 од Втората светска војна, како и војници од Австро-Унгарија, Бугарија, поранешната Југославија, Романија, Русија, Албанија и Турција, во периодот на Првата светска војна.
За разлика од другите македонски градови, воените гробишта во Прилеп не биле уништени по ослободувањето, а во 2006 година започнал проект за нивна реставрација финансиран од германската влада, завршен во 2009 година.
По повод Денот на примирјето, градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски беше домаќин на протоколарна средба со амбасадорката на Германија Петра Дрекслер и амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер. Делегацијата оддаде почит на жртвите од Првата светска војна и го одбележа историскиот момент кога во 1918 година стапи на сила примирјето од Компјењ.
Градоначалникот Проданоски на социјалните мрежи порача дека овој ден е потсетник на трагичните последици од војната и важноста на мирот, солидарноста и европските вредности, нагласувајќи дека Прилеп ќе продолжи да гради мостови и партнерства за своите граѓани.























