Во Костолачка Коса, крај Пожаревац, денес Македонците во Србија оддадоа почит на 1.295 загинати припадници на Вардарскиот баталјон во Првата светска војна. Настанот беше организиран од здружението „Кочо Рацин“ од Белград и вклучи полагање цвеќе и историско потсетување на жртвите.
Претседателката на здружението, Лидија Демниева, истакна дека традиционалната комеморација се одржува на 15 ноември, а освен во Костолачка Коса, цвеќе се положува и во село Петка, каде младите македонски војници од баталјонот престојувале една година. Македонската заедница во Србија исто така побара дозволи од претседателот и владата на Србија за изградба на споменик како вечен помен на загинатите борци.
На комеморацијата беше прочитано и писмо од Светскиот македонски конгрес, во кое се нагласува историското значење на настаните од 1915 година и храброста на македонските војници кои учествувале во војската на Кралството Србија. Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, посочи дека овие историски настани трајно се врежани во меморијата на жителите на Стар Костолац, Петка и Нови Костолац и на македонската дијаспора.
Вардарскиот баталјон бил формиран со мобилизација во тогашна Јужна Србија и броел 1.300 Македонци од региони како Тетовско, Гостиварско, Кумановско, Поречието, Кривопаланечкиот и Кратовскиот регион. Во борбите со австро-унгарската и германската војска загинале 1.295 војници, од кои 627 на Костолачка Коса. Само петмина од баталјонот го преживеале конфликтот.
На одбележувањето присуствуваа и претставници на македонската амбасада во Белград, македонската политичка партија Левица и членови на македонската заедница од Србија, кои положија свежо цвеќе како знак на вечна почит кон храбрите борци.























