Општина Аеродром започна со чистење на запуштениот простор кај поранешниот „Мекдоналдс“, откако сопствениците не постапиле по издаденото решение за уредување на локацијата.
Според градоначалникот Дејан Митески, екипите на Јавното претпријатие денеска излегле на терен и ја расчистиле долгогодишно запуштената површина, која се наоѓа на приватно земјиште со запишан објект.
„Иако сопствениците добија налог да ја исчистат локацијата, тоа не беше направено. Затоа Општината интервенираше и ја среди средината“, соопшти Митески.
По завршувањето на работите, Јавното претпријатие ќе испрати фактура до сопствениците со пресметаните трошоци за извршената интервенција.
Митески нагласи дека Општина Аеродром останува посветена на одржување на чиста, безбедна и уредна околина и ќе продолжи да реагира на сите места каде што обврските на сопствениците не се почитуваат.























