Европската комисија денеска предложи регулатива за воена мобилност, со која државите членки би имале максимум три дена во мирнодопско време и значително пократок рок во итни ситуации за одобрување на преминување на границите за војници и воена опрема од други членки.
„Одбранбената подготвеност во основа зависи од тоа дали можете да ги доведете своите тенкови и трупи таму каде и кога ви се потребни. Денес предлагаме систем за итни случаи за прекуграничен транспорт на војската и иницијатива за споделување транспортни капацитети меѓу државите членки за полесно движење на трупите низ Европа“, изјави високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас.
Со создавањето на севропски простор за воена мобилност до 2027 година, ЕУ се приближува кон воспоставување на „војен Шенген“. За тоа, во наредниот седумгодишен буџет за периодот 2028–2034 година, Комисијата предложи 17,65 милијарди евра за инфраструктура со двојна намена во рамките на Инструментот за поврзување на Европа (CEF).
Комесарот за транспорт, Апостолос Цицикостас, истакна дека подобрувањето на воената мобилност во ЕУ ќе бара инвестиции од околу 100 милијарди евра. Заедно со државите членки и НАТО, Комисијата идентификувала повеќе од 500 инфраструктурни проекти за полесно и побрзо движење на воена опрема и војници низ четирите приоритетни коридори во Европа.
Проектите предвидуваат проширување на тунели, зајакнување на мостови и железнички пруги, како и зголемување на капацитетот на пристаништа и аеродроми, при што повеќето ќе се изведат како надградба на постоечка инфраструктура за двојна намена. Целта е да бидат завршени до крајот на деценијата, со цел ЕУ да биде подготвена за одбранбен одговор на различни закани до 2030 година.
Дел од средствата ќе дојдат од националните буџети, дел ќе се обезбедат преку коhezиски фондови, а дел преку кредити достапни во рамките на европскиот инструмент SAFE.
Предложените мерки за воспоставување на „војниот Шенген“ предвидуваат отстранување на регулаторните бариери, усогласени правила на ниво на ЕУ за воена мобилност и јасни процедури за прекугранични воени премести со максимален рок од три дена и поедноставени царински формалности.
Комисијата исто така предложи рамка за итни случаи за забрзани постапки и приоритетен пристап до инфраструктурата за силите на ЕУ и НАТО, како и целни инвестиции во кибербезбедност и стратешка инфраструктура.
Во рамките на пакетот за одбрана, Комисијата предложи и план за трансформација на одбранбената индустрија на ЕУ, со фокус на поддршка на одбранбени компании, забрзување на развојот на нови технологии, проширување пристап до одбранбени капацитети и поттикнување на потребните вештини за одржување на европското технолошко ниво.























