
Во тетовско Теарце денеска беше оддадена почит на полицаецот Момир Стојановски, кој загина на денешен ден пред 25 години при терористичкиот напад врз тогашната полициска станица. Овој настан од 22 јануари 2001 година се смета за почеток на оружениот конфликт во Македонија.
На комеморативниот собир во организација на Одборот на бранителите, претседателот Марин Најдов истакна дека жртвата на Стојановски не смее да биде заборавена. Тој потсети дека Момир беше првата жртва меѓу бранителите во 2001 година, а во истиот напад беа ранети уште тројца негови колеги.
Одборот упати и официјален апел до Министерството за внатрешни работи конечно да се прифати нивната долгогодишна иницијатива. Бидејќи местото на старата станица сега е приватен имот, тие бараат спомен-плочата за Стојановски трајно да биде поставена во новиот објект на полициската станица во Теарце.



























