
Денес во Битола се одржа првата работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион, со што официјално започна оперативната фаза на регионалниот систем за управување со отпад.
На состанокот учествуваа сите 18 градоначалници од двата региона како членови на Одборот, претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и меѓународни партнери. На седницата беа разгледани клучните активности што ќе го водат развојот на регионалниот систем во наредниот период.
Воспоставувањето на МОУО е резултат на повеќегодишна координирана работа на општините, институциите и меѓународните партнери, и претставува значаен чекор кон создавање модерен, ефикасен и одржлив систем за управување со отпад.
Претставена беше и новата веб-платформа „Регион без отпад“, која ќе биде централно место за информации, координација и транспарентна комуникација со јавноста, како и за следење на напредокот на системот.
Членовите на Одборот посочија дека првата половина на 2026 година ќе биде фокусирана на изградба на претоварни станици, набавка на возила и опрема, изработка на нов Регионален план за управување со отпад, формирање на регионално комунално претпријатие, зајакнување на комуникацијата со граѓаните и јасно дефинирање на обврските на општините.
Седницата ја потврди улогата на МОУО како клучно тело за координација, планирање и надзор на реформите во управувањето со отпад, со јасна заложба за транспарентност, соработка и вклучување на јавноста.
Проектот е поддржан од „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од SALAR International, во соработка со општините и националните институции.



























