УТРО.мк

Ресен ја чека регионалната депонија: Селекција на отпадот и нова инфраструктура во борба за почиста Преспа

Ресен ја чека регионалната депонија: Селекција на отпадот и нова инфраструктура во борба за почиста Преспа
Vero

Депонијата во ресенското село Златари, каде што ЈКП „Пролетер“ го одлага отпадот од домаќинствата и правните субјекти, веќе со години е главната точка за управување со цврстиот комунален отпад во Преспа. Според податоците, количината на отпад што се депонира расте: од 4.965 тони во 2022, на 5.944 тони во 2023, па до 6.166 тони во 2024 година.

„Во моментот целиот отпад од физички и правни лица го носиме на депонијата во Златари. Покриваме околу 90% од територијата на Преспа, но со новите возила добиени преку ЕУ проектот, наскоро ќе стигнеме до 100% покриеност – дури и во најмалите селски населби“, истакна Марчел Русу, директор на ЈКП „Пролетер“.

Иако локалната депонија важи за една од подобро уредените во земјава, таа не исполнува стандардите за санитарна депонија. Ова, според градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, е доволна причина да се поддржи изградбата на регионална депонија, која ќе го реши проблемот на долгорочен и одржлив начин.

„Регионалната депонија е проект од национално значење. Се залагаме за примарна селекција на отпад, компостирање и редуцирање на количините што ќе завршуваат на депонијата. Само така можеме да си го дозволиме чинењето, бидејќи сегашниот модел е прескап за општините“, нагласи Тозиевски.

Во рамки на ЕУ проектот за Преспа, жителите на Ресен ќе добијат и канти за селекција на хартија и пластика, а собирањето ќе започне од градот и ќе се прошири во останатите населени места. Се работи и на изградба на обиколница околу Ресен, по која ќе се транспортира отпадот, со цел да се избегне транзитот низ градот.

И покрај вложените напори, според податоци од Еко Герила Преспа, на територијата има околу 38 диви депонии, кои претставуваат сериозна закана за животната средина. Оттаму произлегува и важноста на едукативната компонента – граѓаните мора да развијат навики за селектирање на отпадот.

„Кое и да е решението, ќе биде подобро од сегашното. Сега имаме диви депонии и отсуство на систем. Со регионалната депонија, селекцијата и со подигање на свеста кај населението, можеме да го смениме тоа“, порача директорот Русу.

Овој текст е поддржан од кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран