Велешанецот Е.Х. (25) пријавил во Секторот за внатрешни работи Велес дека вчера околу 18:00 часот, на улицата „Хаџи Косте“, неговата малолетна ќерка била физички нападната од С.У. (23) од Велес, кој при нападот употребил метален предмет. Дополнително, кога на местото пристигнала неговата сопруга (27), таа добила закани од напаѓачот.
– Од страна на полициски службеници С.У. бил затекнат како во рацете држи остри предмети. Му била дадена наредба да ги фрли, но истиот се оглушил на наредбата и им се заканувал на полициските службеници, движејќи се кон нив со намера да ги нападне. Поради тоа бил испукан еден предупредувачки куршум во воздух и повторно му била дадена наредба да ги фрли предметите. С.У. повторно се оглушил, продолжил да се движи кон полицајците, па бил испукан уште еден предупредувачки куршум. Потоа го фрлил едниот предмет и се дал во бегство. Биле испукани уште два предупредувачки куршуми, а С.У. во бегство го фрлил и другиот предмет – информира портпаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска.
Предметите се пронајдени и одземени. За случајот е известен Јавен обвинител, како и Центарот за социјални работи Велес. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.