Кац: Техеран ќе гори ако Иран продолжи со нападите врз Израел
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, денеска упати остра закана кон Иран, истакнувајќи дека „Техеран ќе гори“ доколку продолжат ракетните напади врз Израел. Ова следува по најмалку три убиени и десетици повредени во последните ирански напади, кои беа одговор на претходните израелски воздушни удари врз ирански нуклеарни објекти.
По состанокот со началникот на Генералштабот, Кац порача дека Иран ќе плати висока цена за нанесената штета врз израелските граѓани.
„Доколку врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, продолжи да испукува ракети кон Израел, Техеран ќе гори“, рече Кац.
И Израел и Иран соопштија дека нивните напади ќе продолжат, што ја зголемува можноста за продлабочување на конфликтот на Блискиот Исток. Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека целта на Израел е да ја елиминира секоја иранска закана, повикувајќи ги Иранците да се кренат против своите лидери.
Израелските воздушни напади го доведоа во прашање и продолжувањето на преговорите меѓу САД и Иран за нуклеарниот договор. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи ги оцени разговорите како „бесмислени“, но не потврди дали ќе биде откажана утрешната рунда преговори во Оман.