Нетанјаху сака да го собори режимот во Техеран, Иран ќе искористи сè што има за да го спречи
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху јасно порача дека израелската операција нема да се ограничува само на уништување на иранскиот нуклеарен програм, туку дека целта е и соборување на режимот во Техеран.
Со оглед на оваа изјава, иранското раководство ја гледа војната како егзистенцијална закана и битка за сопствен опстанок.
„Ќе употребат сè што имаат“
Иранските сили, иако досега одговарале со ограничени напади, според оценката на Лајс Дусет, главна меѓународна дописничка на Би-Би-Си, сега ќе употребат сè што им е достапно. И покрај значајното ослабување на иранскиот арсенал во текот на последните 20 месеци војна во регионот, израелските проценки покажуваат дека Техеран сè уште располага со околу 2000 балистички проектили и капацитет за производство на нови.
Во моментов тие ги користат за напади врз стратешки цели, вклучувајќи и области блиску до населени места. Во Тел Авив, на пример, ракетите биле насочени кон објекти на Министерството за одбрана, но некои паднале во станбени зони. Намерно или случајно, ова носи сериозен ризик од масовни цивилни жртви – и во Израел и во Иран.
И покрај тоа, иранското раководство избегнува директен судир со Соединетите Американски Држави. Врховниот лидер, ајатолах Али Хамнеи, е свесен дека во такво сценарио Иран не би имал воена или политичка шанса за победа. Сепак, со ескалацијата на конфликтот, иранските воени претставници сè поотворено најавуваат напади на американски бази во регионот.
Години наназад, иранската стратегија се темелела на верување дека американските претседатели ќе го сопрат Нетанјаху секогаш кога ќе се обиде на отворена војна со Иран, со порака дека таквата операција е „прекомерно ризична“ и дека треба да се бара дипломатско решение.
Сепак, според заклучокот на Дусет, иако американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека „не дал зелено светло“, војната се вжешти и моментално нема јасни знаци како ќе заврши.