Синоќа избувна пожар во Нова Битола, каде што гореше сува трева и паркова површина во непосредна близина на т.н. „социјални згради“, предизвикувајќи вознемиреност кај локалното население.
Командирот на Територијалната противпожарна единица – Битола, Христијан Тодоровски, за МИА изјави дека екипите веднаш реагирале по дојавата и интервенирале на терен со две противпожарни возила.
– Гори сува трева над улицата Игњат Атанасовски, во близина на станбените згради. Огнот го разгорува силен ветер, што ја отежнува контролата. Засега нема сомнеж за подметнување – изјави Тодоровски.
Пожарот бил видлив од повеќе делови на Битола, а мештаните од Нова Битола биле особено загрижени поради блискоста до нивните домови. Интервенцијата продолжува и денеска со цел да се спречи евентуално ширење на огнот.