УТРО.мк

Пожарите се шират низ државата, најкритично кај Прилеп, Кавадарци и Малешевијата

Пожарите се шират низ државата, најкритично кај Прилеп, Кавадарци и Малешевијата
Vero

Најмалку седум пожари сè уште беснеат низ Македонија, а најкритичните точки се во регионите кај Прилеп, Кавадарци, Македонска Каменица и Малешевските Планини. Огнената стихија зафати шуми, села и планински падини, додека пожарникарите се борат со тежок и непристапен терен.

Според податоците на Центарот за управување со кризи, од вкупно 27 регистрирани пожари на отворен простор, 7 се сè уште активни, 3 се ставени под контрола, а 17 се изгаснати.

Најопасна е ситуацијата кај селото Нивичино, каде пламените јазици горат низ Голем Готен и Малешевските планини, а огнот зафаќа нискостеблеста шума, грмушки и смреки. Во Прилепскиот регион, пожарот кој започна кај селото Бешиште се шири кон село Градешница и државната граница со Грција. Таму интервенцијата е ограничена поради присуство на неексплодирани боеви средства.

Гори и во подрачјата помеѓу прилепските села Царевиќ, Смолани, Радибил и Дрен, како и кај селата Галиште и Трстеник во Кавадарци. Во Македонски Брод, деградирана дабова шума гори меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа.

Во источниот дел на земјата, кај Ќосевица (Македонска Каменица), активен е пожар со висока интензивност во борова шума, а во Чашка, во селото Ореше, огнот зафаќа и букова шума. Во Кичевско, повторно е активен пожарот кај селото Горно Црско.

Три пожари се ставени под контрола: кај селото Грешница (Македонски Брод), помеѓу Драгоево и Селце (Штип) и во Јунузлија (Карбинци). Изгаснати се 17 пожари, меѓу кои и оние кај Битола, Куманово, Тетово, Охрид и Ресен.

Во некои случаи се сомнева на намерно палење, додека во други причината е човечка небрежност. Властите апелираат до граѓаните да не палат оган на отворено и да пријавуваат секој сомнителен чад, бидејќи временските услови и натаму создаваат ризик од нови пожари.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран