Општина Битола вложува во реконструкција на училиштето „Таки Даскало“, каде што во пресрет на новата учебна година се спроведуваат активности за подобрување на просторните и техничките услови.

Градоначалникот Тони Коњановски, заедно со директорот Ристо Грујовски, денес извршија увид во градежните работи, кои опфаќаат комплетна реконструкција на училишните врати и електричната инсталација. Вредноста на инвестицијата изнесува околу 3 милиони денари (приближно 49.641 евра).
Реконструкцијата вклучува демонтажа на старата столарија и поставување нови дрвени врати со висок квалитет, прилагодени на постојната внатрешна естетика. Истовремено, се заменува и електричната опрема со нова, со цел подобрување на безбедноста и енергетската ефикасност.

Коњановски истакна дека овие инвестиции се дел од посветената заложба на општината да создаде модерни и стимулативни услови за учениците. Тој најави и понатамошни вложувања во соработка со Министерството за образование, насочени кон подобрување на наставата, спортската инфраструктура и поддршка на напредокот на младите.