Пожарите ширум Македонија добиваат сè поголеми размери. Според последниот биланс на Дирекцијата за заштита и спасување, на територијата на државата се евидентирани 15 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, четири се ставени под контрола, а седум се целосно изгаснати.
Најкритично останува на планината Готен во Малешевијата, каде што огнот не стивнува речиси две недели. Ситуацијата и натаму е алармантна, а пожарите се шират од беровска страна. Гаснењето се врши исклучиво од копно, и покрај барањата за воздушна поддршка, потврди градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.
Во помош пристигнуваат и странски сили. Чешка испраќа хеликоптер со седумчлен екипаж, додека утре во Берово треба да пристигне словенечки тим составен од 61 пожарникар со 18 противпожарни возила. Помош понудија и Австрија и Франција, но според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, засега нема потреба да се активира нивната поддршка.
„Состојбата е тешка, но ја држиме под контрола. Апелирам до граѓаните да не шират непроверени информации и да внимаваат со отворен оган,“ изјави Ангелов.
Министерот за животна средина, Изет Меџити, увери дека Владата ќе изврши пошумување на сите опожарени подрачја.
Во тек е и административната селекција на кандидатите за нови пожарникари. Обуките ќе започнат наскоро, но новите сили нема да бидат вклучени во гаснење на најризичните жаришта.
Додека пламените јазици ја голтаат македонската шума, надлежните институции се обидуваат со координација и меѓународна поддршка да ја стабилизираат ситуацијата.