Состојбата на велешкото езеро Младост е алармантна. Водата е забележливо нечиста, со непријатен мирис што потсетува на фекалии, а визуелниот изглед на езерото предизвикува сериозна загриженост кај граѓаните и стручната јавност.
Според Комисијата за следење на состојбите на водите, формирана од Советот на Општина Велес, анализите во последните две години покажуваат висока концентрација на органски материи, голем број колиформи бактерии, висока електропроводливост и исклучително ниско ниво на кислород во водата – што укажува на сериозен степен на загаденост.
„Станува збор за процес што трае со години, но состојбата кулминираше во последниот период. Довод на свежа вода во акумулацијата нема, а отовичка река има слаб проток само во зимските месеци. Темелниот испуст од акумулацијата е нефункционален, а истек на вода – практично нема“, изјави Антоанета Стојанова, претседателка на комисијата.
Како клучни причини за лошата состојба, се посочува и човечкиот фактор. Долг период имало неприклучени индивидуални куќи на колекторскиот систем околу езерото, кои дури сега почнуваат да се приклучуваат технички. Тоа, според комисијата, влијаело врз забрзана вештачка еутрофикација – стареење и загадување на езерото.
Од ЈП „Водостопанство Лисиче“ информираат дека ќе започнат со интервенции за санација на состојбата со средства добиени од државни програми. „Ќе искористиме 6 милиони денари од Министерството за земјоделство – 5 милиони се наменети за ископ на бушотини и снабдување со свежа вода, а 1 милион за чистење на крајбрежјето. Дополнително, преку програмата за животна средина добивме 4 милиони денари за санација на темелниот испуст од браната“, изјави директорот Ванче Маневски.
Од Центарот за јавно здравје Велес сè уште не се објавени официјалните резултати за квалитетот на водата, но комисијата предупредува дека е потребна итна и координирана реакција од сите надлежни институции, за да се спречи целосно еколошко уништување на едно од најпознатите велешки излетнички места.