Во значаен пресврт на тетовската политичка сцена, над 40 активисти од редовите на ДУИ, претежно од Младинскиот форум и од подограноците во населбата Теќе, ѝ се приклучија на коалицијата Вреди. Според порталот „Инфошќип“, ова масовно напуштање е силен удар за ДУИ, особено во светло на најавата дека партијата ќе има кандидати за градоначалници само во две клучни општини – Тетово и Чаир.
Потегот се толкува како знак за длабока внатрешна криза во ДУИ, а од Вреди велат дека ова е само почеток. Раководителот на централниот штаб на Вреди, Аднан Азизи, порача дека започнува распадот на ДУИ во регионот на Полог.
„Ова е политички чин со јасна порака – младите и структурите на ДУИ избираат промени. Теќе е само почетокот, следуваат и други населби и ограноци. Започнува целосен колапс на ДУИ во Полог“, изјави Азизи.
Тој додаде дека политиките на Вреди и визијата на градоначалникот на Тетово, Билал Касами, се сè поатрактивни за граѓаните кои бараат прогрес и отчетност. Според „Инфошќип“, незадоволството во ДУИ зрее подолго време, а сега излегува на површина со конкретни акции и организирани преминувања.
Во пресрет на локалните избори, ваквите политички миграции би можеле да значат значителна прераспределба на влијанието во Тетово и поширокиот регион на Полог.