УТРО.мк

Отворен Саемот на книга во Битола – Коњановски: Читањето е патување кон себе и иднината

Отворен Саемот на книга во Битола – Коњановски: Читањето е патување кон себе и иднината
Vero

Под слоганот „Светот во страници“, на платото пред Народниот театар во Битола свечено беше отворен Саемот на книги, како дел од културната манифестација Битфест 2025. Љубителите на книгата ќе можат да уживаат во богат избор на литературни наслови до 1 август, кога саемот ќе биде отворен за посетители.

Со свои штандови се претставуваат седум издавачки куќи и институции: „Бата прес“, „Антолог“, „Прозарт медиа“, „Топер“, „Матица македонска“, „Збор“ и НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Понудата опфаќа литература за сите возрасти – од сликовници и книги за деца, до наслови за најпребирливите читатели.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање до присутните рече дека читањето е патување кон себе, кон научните сознанија и кон непознати светови што ги отвора книгата. Тој ја нагласи улогата на НУУБ „Св. Климент Охридски“ во ширењето на љубовта кон пишаниот збор, особено меѓу младите.

„Книгата е нашата најмоќна врска со минатото, со сегашноста, но и со визијата за иднината. Затоа, со овој настан не само што создаваме можности, туку славиме и идеи, мисли, соништа и светови што се отвораат преку читањето“, истакна Коњановски.

Пред публиката се обрати и директорката на библиотеката, Емилија Стефановска Давкова, која ги повика граѓаните да го посетат саемот и да искористат можноста да набават книги по поповолни, саемски цени.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран