
Во тек е обновата на спортските игралишта во дворот на ОУ „Даме Груев“ во Битола, со што учениците ќе добијат подобри услови за спорт, физичко образование и рекреација.
Како што информира Општина Битола, во моментов се изведуваат работи за асфалтирање на игралиштата, а проектот се реализира во рамки на вториот владин повик, преку Министерството за образование и наука.
Станува збор за отворени повеќенаменски спортски игралишта за ракомет, кошарка и одбојка, со вкупна површина од 1.311 квадратни метри.
Проектот не го опфаќа само уредувањето на спортските терени. Околу нив е предвидена и изградба на пешачка патека со бехатон на површина од 294 квадратни метри, како и уредување на паркинг-простор.
Дополнително, ќе се изврши хортикултурно уредување на просторот, ќе се асфалтира пристапниот дел до игралиштата и ќе биде поставена нова урбана опрема.
Според информациите од Општина Битола, вкупната вредност на проектот изнесува 15.507.414 денари.

















