
Со коњичко дефиле низ градот и оддавање почит на хероите од минатото и сегашноста, денеска во Кочани беше одбележан традиционалниот „Илинденски коњанички собир“ – Кочани 2026.
Манифестацијата што ја чува македонската традиција и споменот на Илинденците е во организација на Здружението „Кочанска коњаница – Осоговски Елит“ во соработка со битолската коњаница „Галоп“, и со поддршка на Општина Кочани.
Коњаницата тргна во утринските часови од источниот дел на Кочани, од Градскиот стадион „Никола Мантов“. Колоната помина низ населбата Стришани и се упати кон Градските гробишта.
Таму, на Алејата на ангелите, коњаниците одржаа емотивна церемонија и положија свежо цвеќе во чест на загинатите кочанци во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Централниот дел од програмата се одржа во Паркот на Револуцијата, каде што за бројните граѓани беше подготвена културно-уметничка програма со настап на Оркестарот на изворна музика и на Фолклорниот ансамбл „Мугри“.
Годинава во маршот учествуваат десетина коњаници од Кочани и Битола. Нивното денешно јавање е само почеток на повеќедневниот пат кон Крушево, каде што традиционално ќе пристигнат на Мечкин Камен за големиот празник Илинден.
Со овој чин, Кочани уште еднаш потврди дека е град кој ја почитува и негува сопствената историја и националните вредности.

















