
Забраната за пиење и домашна употреба на водата во Крушево останува во сила поради утврдена бактериолошка неисправност, информираат надлежните институции.
Според официјалните протоколи на Центарот за јавно здравје – Прилеп, мерката ќе остане на сила сè додека не бидат добиени резултатите од три последователни лабораториски анализи кои ќе потврдат дека водата е безбедна за употреба.
Од надлежното комунално претпријатие објаснуваат дека проблемот настанал по краток прекин во снабдувањето со електрична енергија, што предизвикало дефект и привремен застој во работата на системот за хлорирање на водата.
Надлежните посочуваат дека водоснабдителната мрежа во Крушево со години се соочува со сериозни инфраструктурни предизвици, поради што се преземаат сите неопходни мерки за нормализирање на состојбата.
Воедно, тие апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките и забраната за користење на водата за пиење и подготовка на храна, сè додека не биде официјално соопштено дека водата е здравствено исправна.
Од институциите упатуваат и повик до медиумите одговорно да известуваат за состојбата и да не шират непроверени информации кои би можеле да предизвикаат непотребна вознемиреност кај населението.

















