
Не е вода, а не е ни лимонада – FDA му додели ознака „здрав пијалок“
Кога температурите растат, сите посегнуваме по повеќе течности за да останеме хидрирани. Лимонадата е најчестиот избор за разладување, но стручњаците тврдат дека постои многу подобра алтернатива – чајот.
И тоа не каков било чај. Станува збор за незасладен ладен чај, кој, освен што освежува, на организмот му носи и низа здравствени придобивки.
Без шеќер, без калории, полн со антиоксиданси
Според експертите, незасладениот ладен чај не содржи додаден шеќер, масти ниту калории, а истовремено е богат со антиоксиданси. Токму поради своите својства, неодамна доби и официјална ознака „здрав пијалок“ од американската Агенција за храна и лекови (FDA).
Се истакнува дека и кофеинските и бескофеинските чаеви подеднакво придонесуваат за хидратација. Тоа ги вклучува црниот, зелениот, белиот, но и сите билни чаеви, што ги прави исклучително корисни во летните горештини.
Колку шолји се препорачуваат дневно?
Иако има пријатен вкус и може да биде одлична замена за дел од дневниот внес на течности, стручњаците предупредуваат дека чајот не треба целосно да ја замени водата.
Препорачаната доза е од две до четири шолји незасладен чај дневно, напоредно со редовно пиење доволно количество вода.
Топол или ладен – дејството е исто
Добрата вест е дека чајот ги задржува своите корисни својства без разлика дали се пие топол или ладен. Полифенолите, вредните антиоксиданси кои ги содржи, остануваат стабилни се додека пијалокот не се разреди премногу или не стои предолго.
Сепак, и со чајот не треба да се претерува.
Внимание: Претерувањето може да биде штетно
Кофеинот и оксалатите, особено присутни во црниот чај, при прекумерна консумација можат да предизвикаат несакани ефекти како несоница, забрзана работа на срцето или проблеми со бубрезите. Посебно внимание се препорачува за лица кои веќе имаат одредени здравствени проблеми.
Заклучокот на стручњаците е јасен: незасладениот ладен чај е едноставен, освежителен и здрав сојузник во текот на летото. Неговата корист ќе биде најголема ако се пие умерено, без шеќер и како дополнување, а не како замена за водата.

















