
Основното јавно обвинителство Прилеп отвори истрага против виш референт во локалниот Центар за вработување поради основано сомнение дека сторил кривично дело примање поткуп. За осомниченото службено лице е побарана мерка притвор.
Според соопштението на Обвинителството, во периодот од 23 април до 24 јули годинава, осомничениот од жител на прилепското село Бело Поле изнудил вкупно 18.000 денари.
Случајот започнал откако оштетениот и неговата сопруга, кои биле корисници на гарантирана минимална помош, добиле СМС-порака од Агенцијата за вработување да се јават на обука за работа.
Тоа го искористил референтот за да го уцени граѓанинот. Му се заканил дека доколку ја одбие обуката ќе остане без социјалниот надоместок. За да го спречи тоа, побарал секој месец да му исплаќа по половина од државната помош – односно по 6.000 денари.
Како што информираат од Обвинителството:
„Исто така осомничениот му ветил дека ќе ја евидентира неговата сопруга во електронскиот систем на Агенцијата како активен барател на работа, иако таа немала контролен картон и не го доставувала во Центарот на увид“.
Оштетениот ја прифатил уцената и почнал со исплатата. Најпрво однел 4.000, па 2.000 денари директно во канцеларијата на вработениот, а потоа продолжил со месечни уплати.
Криминалистичката акција е реализирана вчера, при предавањето на последниот износ од 6.000 денари. Полициски службеници ги пронашле и одзеле обележаните банкноти кај осомничениот, по што тој веднаш бил приведен.
Од ОЈО Прилеп велат дека поради тежината на делото и околностите под кои е сторено, до Основниот суд во Прилеп е доставен предлог за определување мерка притвор за осомниченото службено лице.

















