УТРО.мк

Општина Битола реагира на пропустите на изведувачот: Се корегираат недостатоците на велосипедските патеки

Општина Битола реагира на пропустите на изведувачот: Се корегираат недостатоците на велосипедските патеки
Vero

При реализацијата на проектот за реконструкција на тротоарите и обележување на велосипедски патеки на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“ во Битола, екипите на Општина Битола утврдија пропусти во градежните работи, информираат од локалната самоуправа.

Според општината, изведувачот „Јоска Транс“ направил технички пропусти при подигнувањето на затворачите и капаците на одредени локации на десната страна од улицата „Васко Карангелевски“. Истите биле евидентирани од теренските служби уште во текот на изведбата, по што биле преземени соодветни мерки за нивно корегирање.

Од Општина Битола посочуваат дека проектот сè уште не е завршен и не е целосно исплатен, што овозможува навремена интервенција и надминување на утврдените недостатоци. Патеката е обележана од страна на ЈП „Паркинзи“ согласно проектната документација.

Дополнително, се постапува и по укажувањата на претседателката на Советот на општината, Габриела Илиевска, кои беа јавно споделени преку видео-снимка. Од општината велат дека сите забелешки се веќе нотирани од надлежните служби и се дел од редовната контрола што се спроведува кај сите инфраструктурни проекти што се во тек.

„Мерките што ги преземаме се насочени кон целосно и квалитетно завршување на проектот, кој треба да обезбеди безбедни и функционални велосипедски патеки – долгорочна потреба на граѓаните на Битола“, се наведува во соопштението од Општина Битола.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран