
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, присуствуваше на одбележувањето на 30-годишнината од детскиот музички фестивал „СИ-ДО“, при што порача дека фестивалот претставува значаен дел од културниот идентитет на градот и симбол на детската музика во Македонија.

„Синоќа задоволство беше да присуствувам на вечерта во која се споија минатото и сегашноста, а различни генерации се препознаа во истите стихови, исти мелодии и исти чувства“, истакна Коњановски.
Тој нагласи дека фестивалот „СИ-ДО“ веќе три децении успешно опстојува на музичката сцена и остава белег врз културното пулсирање на Битола.

„Детскиот фестивал ‘СИ-ДО’ е музичка ризница и амбасадор на нашиот град. Децата пораснаа, но хитовите останаа исти“, посочи градоначалникот.
Коњановски упати честитки до организаторите и до сите кои низ годините биле дел од создавањето на фестивалот и детската музика, додавајќи дека музиката нема граници и дека „СИ-ДО“ ја претставува Битола и надвор од Македонија.
Тој најави дека Општина Битола и во иднина ќе продолжи да го поддржува фестивалот за сè што направил за градот и за развојот на детската песна.
















