УТРО.мк

Почина Ирена Радовановиќ, долгогодишна новинарка на МИА

Почина Ирена Радовановиќ, долгогодишна новинарка на МИА
Vero

Македонското новинарство изгуби уште еден свој препознатлив глас. По подолга борба со болест, на 53-годишна возраст почина новинарката на МИА, Ирена Радовановиќ, професионалка која со децении беше присутна во внатрешно-политичкото известување.

Радовановиќ зад себе остава повеќедецениска професионална траекторија, обележана со работа во повеќе значајни редакции. Нејзините новинарски почетоци се врзуваат за неделникот „Фокус“, каде што започнува да гради свој препознатлив стил уште во раните деведесетти, останувајќи таму речиси цела деценија. Подоцна своето искуство го продолжува во дневниот весник „Вечер“, во внатрешно-политичката рубрика, каде што дополнително се профилира како аналитичар и новинар со јасен авторски печат.

Во текот на годините, Радовановиќ работела и во повеќе редакции и медиумски проекти, меѓу кои „Дневник“, „Форум“, „Македонија денес“, како и неделникот „Денес“, а била ангажирана и во „Радио Слободна Македонија“. Нејзината професионална патека продолжува и во поновото време, кога во 2024 година се приклучува на редакцијата на „Нова Македонија“.

Од 2014 година таа е дел и од новинската агенција МИА, каде работи како новинар во внатрешнополитичката редакција и како новинар-аналитичар, оставајќи зад себе значаен придонес во следењето и толкувањето на политичките процеси во земјата.

Од редакцијата на МИА се простуваат со неа со емотивни зборови, истакнувајќи дека зад себе остава празнина која тешко ќе се надополни, но и трага од професионализам и посветеност што ќе остане запаметена.

Погребната церемонија е закажана за утре во 11:00 часот на гробиштата во Радишани, додека збогувањето во капелата е предвидено да започне во 10:30 часот.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран