
Американскиот Стејт департмент најави заострување на мерките против граѓаните што не ја исполнуваат својата обврска за плаќање алиментација, вклучително и можност за поништување на пасошите на должниците, пренесува Би-би-си.
Според новата практика, мерката би можела да се примени врз лица кои имаат натрупан долг за издршка на деца поголем од 2.500 долари (околу 1.844 евра), при што приоритет ќе имаат оние со значително заостанати плаќања.
Од Стејт департментот порачуваат дека станува збор за пристап заснован на „здрав разум“, чија цел е да се заштитат американските семејства и да се поттикне почитување на законските обврски. Во нивното образложение се наведува дека политиката треба да ја зајакне одговорноста на родителите кон нивните деца, но и да обезбеди поефикасна примена на постојните правила.
Должниците ќе бидат повикани да ги регулираат своите заостанати обврски преку надлежните државни институции, со цел да избегнат санкции, меѓу кои и губење на патната исправа.
Откако еднаш ќе биде поништен, пасошот нема да може да се користи за меѓународни патувања, а издавање нов документ ќе биде возможно дури по целосно подмирување на долгот за алиментација.
Министерството потсетува дека оваа мерка се темели на федерален закон од 1996 година, кој иако постои подолго време, ретко се применувал во пракса. Сепак, засега не е прецизирано кога точно ќе започне неговото поактивно спроведување.
За американските граѓани кои во моментот на поништување ќе се наоѓаат надвор од земјата, е предвидена можност да побараат итен патен документ преку амбасада или конзулат, со кој ќе им се овозможи враќање во САД, јавува АП.
















