
Во основното училиште „Стив Наумов“ во Битола се случил сериозен инцидент во кој ученик од седмо одделение преку социјалната мрежа ТикТок објавил список со заканувачка содржина, на кој се наоѓале имиња и презимиња на негови соученици и нивни родители, придружен со наводен датум за „извршување“ на заканите.
Ситуацијата предизвикала вознемиреност кај родителите, кои веднаш реагирале и поднеле претставка до Државниот просветен инспекторат. Паралелно, училиштето го пријавило случајот до надлежните институции, вклучувајќи го СВР Битола, Центарот за социјални работи и Подрачното одделение за образование.
Директорот на училиштето посочил дека настанот не се случил во училишниот простор ниту за време на наставата, но нагласил дека институцијата целосно соработува со надлежните органи за да се расчисти случајот и да се преземат соодветни мерки.
Според информации објавени во дел од медиумите, ученикот претходно бил преместен во друго одделение со цел полесна адаптација во училишната средина. Сепак, по одредени несогласувања со новите соученици и реакции од нивните родители, ситуацијата ескалирала и завршила со објавување на заканувачки пораки на интернет. По инцидентот бил одржан и родителски состанок, на кој дел од родителите побарале ученикот да биде префрлен во друго одделение.
Училиштето со соопштение информира дека веднаш постапило во рамки на своите надлежности, реагирајќи штом добило пријава од родителите. Оттаму велат дека, иако содржините не биле објавени во училишен контекст, случајот бил веднаш проследен до МВР, Центарот за социјални работи и образовните институции, со цел целосна истрага и институционално постапување.
Во соопштението се нагласува и дека училиштето презело мерки за заштита и поддршка на учениците, како и активности за смирување на тензиите и обезбедување безбедна средина за работа и учење. Од таму апелираат јавноста да се воздржи од шпекулации и непроверени информации, имајќи предвид дека станува збор за малолетници, и потсетуваат дека заштитата на нивната безбедност и достоинство останува приоритет.
Во меѓувреме, родителите на ученикот кој ја објавил спорната содржина најавиле дека ќе го префрлат во друго училиште.
















