УТРО.мк

Коњановски: „Културата е најсилниот глас на Битола – тивка кога треба, гласна кога мора“

Коњановски: „Културата е најсилниот глас на Битола – тивка кога треба, гласна кога мора“
Vero

Со зборови полни гордост и почит кон традицијата, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, го отвори 55. републички фестивал „Илинденски денови“, кој синоќа започна со колоритно фолклорно дефиле низ Широк Сокак.

Во присуство на над 1.300 учесници од повеќе од 10 земји, Коњановски порача дека Битола повторно е сцена на културна магија што обединува светски народи преку музика, носии и танци.

„Културата е најсилниот глас на Битола – тивка кога треба, понекогаш гласна, но секогаш горда и жива“, изјави тој пред платото на Офицерскиот дом.

Годинашното мото на фестивалот „Денес за утре“ ја рефлектира, како што рече Коњановски, нашата колективна обврска: „да не заборавиме од каде сме и да им го пренесеме тоа знаење на оние после нас“.

Фестивалот, кој се одржува од 18 до 31 јули како дел од „Битолското културно лето“, нуди 70 настани и настапи на фолклорни ансамбли од Македонија и гости од Полска, Индонезија, Мексико, Хрватска, Швајцарија и други земји.

„Ова што го правиме денес, ќе остане за генерациите кои доаѓаат“, додаде Коњановски, упатувајќи благодарност до организаторите, уметниците и волонтерите што овозможија уште едно незаборавно издание на фестивалот кој над половина век го негува македонското културно наследство.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран