Битола конечно започна со реализација на еден од најважните инфраструктурни проекти – изградба на современ булеварски влез од страната на Скопје и Прилеп, кој долги години беше предмет на критики поради небезбедност, недоволна осветленост и нефункционалност.

Проектот, кој е во реализација од јули минатата година, моментално е завршен една третина од првата фаза, опфаќајќи првични 800 метри. Новиот влез ќе вклучува проширен коловоз, велосипедски и пешачки патеки од двете страни, зеленило и дрвореди, како и соодветен разделник помеѓу сообраќајните ленти.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, потенцира дека проектот е изработен во согласност со важечката урбанистичка документација и законските прописи, и дека се преземени сите потребни постапки, вклучувајќи експропријација на дел од трасата која била во приватна сопственост.

– Се водиме од стручни анализи и урбанистички параметри, со јасна цел – трајно, безбедно и функционално решение за сите граѓани на Битола и за гостите на нашиот град, рече Коњановски.
Иако дел од жителите и бизнисите во близина на трасата изразија загриженост и незадоволство, особено поради пристапот до нивните објекти, градоначалникот вели дека Општината останува отворена за комуникација и изнаоѓање решенија во законски рамки.
– Безбедноста не смее да биде заложник на бесправно изградени објекти. Ќе ги разгледаме сите предлози, но ќе се држиме до законот и урбанистичкиот план, нагласи тој.
Со реализацијата на овој проект, Битола не само што добива модерен и безбеден влез, туку испраќа и јасна порака дека градот се менува со визија и план.