
Во тек е поставување на опрема за реализација на проектот „Безбеден град“ на подрачјето на општина Велес, при што Министерството за внатрешни работи веќе започна со покривање на главните сообраќајници со видео-надзор.
Во изминатите денови, на социјалните мрежи се појавија фотографии од поставување кабли, столбови, метални ормари и камери, што предизвика различни реакции кај граѓаните. Дел од велешани го поздравуваат проектот, очекувајќи поголем ред во сообраќајот, особено во однос на брзото возење, непропуштањето пешаци и непочитувањето на пешачките премини.
Од Секторот за внатрешни работи Велес информираат дека поставувањето на камерите се врши врз основа на безбедносни критериуми, со фокус на најфреквентните улици и крстосници, како и на т.н. „црни точки“ каде најчесто се случуваат сообраќајни незгоди.
„Бројот и точните локации ќе бидат утврдени по завршување на техничкото планирање, со цел да се обезбеди ефикасна покриеност на критичните зони“, велат од полицијата.
Според првичните информации, почетокот на функционирањето на системот „Безбеден град“ во Велес се очекува кон крајот на јули годинава.























