
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 21-годишно лице осомничено за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот на 24 март во село Марино, општина Илинден, управувал патничко возило „КИА“ без да поседува возачка дозвола и под дејство на алкохол, со концентрација од 0,94 промили во крвта. Притоа, не ја приспособил брзината на движење кон условите на патот и не обрнал внимание на пешакот Оливер Младеновски, кој веќе започнал да го преминува коловозот.
Поради тоа, осомничениот не успеал навреме да запре и со возилото удрил во пешакот, нанесувајќи му тешки телесни повреди од кои тој починал.
Од Обвинителството информираат дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци или повторување на делото, поради што до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор.























