
8-та седница на Советот на Битола е закажана за вторник, 31 март, а пред неа ќе се одржат расправи во матичните комисии.
Пред советниците ќе се најдат повеќе значајни точки поврзани со функционирањето и развојот на општината. Меѓу нив е одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот за 2026 година, како и измени и дополнувања на програмата за развојни планови за периодот 2026–2028.
На дневен ред се и измените на програмата за уредување на градежното земјиште, програмата за економски развој, како и програмата за финансирање и изработка на урбанистички планови за 2026 година.
Посебно внимание се очекува да привлече програмата за поставување урбана опрема на јавни површини, која предвидува нови елементи како електрични полначи за автомобили и автобуси, локации за полнење на електрични велосипеди, како и поставување паркомати.
Дополнително, советниците ќе одлучуваат и за поставување урбана опрема како тезги и трицикла на територијата на општината.
Од Општина Битола посочуваат дека со овие активности се продолжува со модернизација на јавниот простор и подобрување на инфраструктурата во градот.























