Со ребалансот на буџетот за 2025 година, Општина Битола вложува значителни средства во унапредување на спортската инфраструктура, најавувајќи изградба и реконструкција на игралишта на вкупно 11 локации. Оваа инвестиција претставува значаен чекор кон подобрување на условите за физичко образование, спорт и рекреација за младите и сите граѓани.

На девет основни училишта во Битола ќе се постават нови тартан подлоги на постојните спортски терени:
ОУ „Даме Груев“ ОУ „Климент Охридски“ ОУ „Трифун Пановски“ ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ ОУ „Гоце Делчев“ Училишното игралиште во таканареченото „турско училиште“ ОУ „Коле Канински“ – Буковски Ливади ОУ „Тодор Ангелевски“ – подрачно училиште во Горно Оризари ОУ „Тодор Ангелевски“ – централно училиште

Дополнително, ќе се реконструираат и две важни локации: спортското игралиште во населбата Стрелиште и тениското игралиште во населбата Брусничка.

Овој чекор ја потврдува заложбата на Општина Битола за создавање современи и безбедни спортски површини, кои ќе бидат достапни за сите генерации. Локалната самоуправа испраќа јасна порака – спортот и здравиот начин на живот се приоритет.

„Заедно за поубава Битола“, порачуваат од општината, нагласувајќи дека вложувањето во спортот е вложување во иднината на младите.