
Законот за заштита од пушење најверојатно нема да стапи на сила од 1 март, како што беше првично предложено. Според државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, законското решение ќе се доработи, а имплементацијата ќе се спроведува во фази – прво едукација и опомени, па дури потоа казни. Временската рамка на фазите допрва се утврдува.
„Не би го нарекол ретерирање, туку фазна имплементација. Во дијалог со јавноста и бизнис-заедницата одлучивме да се оди со мека имплементација, која ќе вклучува опомени и едукација“, изјави Грбчевски во емисијата Бизнис 21.
Угостителите го поддржуваат законот, но предложија фазна имплементација од три години за да се избегне негативно влијание врз бизнисот. Во првата година би се спроведувала информативна кампања, во втората – строга забрана во затворени простории со јасно дефинирани надворешни зони за пушење, а третата фаза ќе вклучува целосна имплементација и санкции за објекти и физички лица, објасни Перица Голомеиќ.
Експертите укажуваат дека законот бара дополнителна доработка, особено поради влијанието врз компаниите што произведуваат и продаваат тутунски производи, како и врз државниот буџет. „Не смееме да применуваме закон „ан блок“ од Словенија, земја која не произведува тутун. Потребни се преодни и завршни одредби за производите кои се на залиха“, предупреди Златко Арсов.
Со новиот предлог-закон, пушењето се забранува за сите видови тутунски производи, вклучително класични и електронски цигари, „вејп“ апарати, во сите затворени угостителски објекти, фирми, институции, училишта, градинки, јавен превоз, пазари и спортски објекти. Забрането е и во автомобили ако има дете. Казните се движат од 150 до 300 евра за граѓаните и до 5.000 евра за фирмите.























