Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, заедно со ЕЦПД РИДС Скопје и Дипломатскиот клуб – Скопје, денеска организира тркалезна маса на тема „Геополитичкиот пејзаж и проширувањето на ЕУ: Перспективи за Северна Македонија и другите земји-кандидатки од Западен Балкан“.
Настанот се одржува во просториите на Македонската академија на науките и уметностите и претставува форум за анализа на актуелната геополитичка состојба и нејзиното влијание врз европската политика за проширување. Целта е преку експертски пристап да се идентификуваат предизвиците и можностите за Северна Македонија и останатите земји-кандидатки.
Воведни обраќања имаат академик Таки Фити, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, амбасадорот во пензија Јован Теговски и професорот Никола Поповски од ЕЦПД РИДС Скопје.
Дискусиите се организирани во две сесии. Првата е посветена на влијанието на глобалните геополитички текови – од американската надворешна политика, преку војната во Украина, до зголеменото присуство на Русија и Кина на Балканот – и нивниот ефект врз политиката на проширување на ЕУ. Ќе се разгледа и како овие фактори влијаат на меѓународната трговија, миграцијата и безбедносните политики.
Во втората сесија фокусот е ставен на прашањето колку се реални и одржливи амбициите на ЕУ да дејствува како геополитички актер во услови на внатрешни и надворешни предизвици. Посебен акцент ќе се стави на состојбата на евроинтеграциите на Северна Македонија и можноста за примена на концептот на постепена интеграција како транзициско решение.
Организаторите посочуваат дека тркалезната маса е обид да се отворат конкретни и критички разговори за иднината на ЕУ и нејзината улога на Балканот.